Македонскиот спорт нема со којзнае што да се пофали на резултатски план изминатава 2018 година. Се разбира, кога се во прашање учествата на елитните светски натпреварувања, медали или признанија… Но, секогаш, како по обичај, и тоа како си имаме испади со кои си се занимава спортската јавност кога веќе ги нема резултатите…
Во деновите резервирани за анализи на се спортско и неспортско од годината зад нас, ви издвојуваме неколку испади кои сметавме дека треда да се одбележат.
Ислами „леташе орли“ на ЕП во Берлин
Дрита Ислами беше единствената наша претставничка на Европското првенство во атлетика во Берлин. На тартанот ја претставуваше Македонија повеќе од очајно, забележувајќи резултат и под домашните стандарди со последно место во квалификациите на 400 метри со пречки.
Но, ако за нејзиниот настап и имавме некое разбирање со оглед на можностите, тогаш и тоа како фрапирачка беше нејзината одлука како репрезент на македонската атлетика да си прошета низ Берлин, и да „лета орли“, позирајќи до американски војници на служба во Германија.
Столе Стоилов избега од свеченоста за избор на спортист на Македонија
Македонскиот ракометен репрезентативец Стојанче Стоилов предвреме ја напушти манифестацијата за избор на „Спортист на Македонија 2018“ организиран од Агенцијата за млади и спорт, незадоволен што добитникот на признанието за училишен спорт од Тетово на присутните им се обрати на албански јазик.
На Столе не му се допаднала „двојазичноста“ па ете така сред говор си одлучи да ја напушти салата, притоа истакнувајќи им на репрезентативните колеги дека сето тоа било „срамно и понижувачки“. Столе, на тој начин, сакаше да го истакне патриотското во себе, притоа воопшто не размислувајќи за никој друг освен за себе. Ако потегот го оправдаа поголемиот дел од неговите фанови, тогаш прашање е дали сето тоа мина со оправдание кај неговите колеги – спортисти. Дали со тоа што Емил Павлов и Сара Ристовска, лауреати на годинашнот избор, останаа до крај на манифестацијата сега во очите на јавноста се помали патриоти од Столе? Дали Столе наметна „товар“ и на неговите репрезентативни колеги кои беа до него, па и на капитенот Кире Лазаров кој доби плус и награда, а, сепак, одлучија дека тоа не е причина да се напушта манифестација? Дали тие си ја сакаат земјата и својот јазик, или не!?

Одбојкарите „депортирани“ од Медитеранските игри во Тарагона
Одбојкарската репрезентација на Македонија неславно го заврши настапот на Медитеранските игри и предвреме ја напушта Тарагона. Македонскиот олимписки комитет (МОК) среде Медитерански игри се одлучи, поради недисциплина, по итна постапка да ги врати во Скопје.
„Поради недисциплина, недолично и неодговорно однесување, манифестирано во Медитеранското село, ноќта по последниот натпревар на македонските одбојкари против Шпанија, делегацијата на Македонскиот олимписки комитет одлучи заради овој немил настан, машката одбојкарска репрезентација пред време да биде вратена во Скопје“ – информираа од МОК.
Одбојкарите, кои на Медитеранските игри завршија со два порази од Египет и од Шпанија, веднаш потоа се огласија преку својот капитен Никола Ѓоргиев, кој кратко истакна:
„После се што направивме за Македонија барем ја заслужуваме вистината…Веќе не осудивте! Ова не го заслуживме!“
Јавноста до крај не дозна што беше вистинската причина за „депортацијата“. Но, како и да е, срамот остана!
Панчев и Грнчаров – жив доказ зошто е Вардар постојано таму каде што е!
Секогаш кога ФК Вардар е пред „крстопат“, западнат во финансиска криза, а тоа се случувало повеќе пати во независна Македонија, неговите навивачи постојано спасот го „бараат“ во вардаровите легенди. А, колку тие (не)знаат да му помогнат некако упорно самите ни покажуваат сите изминати години.
Вардар во 2018 живееше една од најтешките свои години… Но, жив доказ, зошто клубот секогаш е таму каде што е, а разно-разни „финансиери“ го користат само како обична „играчка“, се токму вардаровите легенди. Овој пат Дарко Панчев наспроти Бобан Грнчаров. Кога ќе слушнете и прочитате со какви навредливи епитети си се частат две вардарови легенди од кои, ете чекате на овој или оној начин да бидат спас за клубот, јасно ви е зошто Вардар никогаш не може да застане вистински на здрави нозе.., а зошто самите тие, со чест на исклучоци, од поодамна загубиле секаков кредибилитет.
„Лижачов уште не престанува пак сака да биде во клубот. Ајде Даре, спушти се доле можеш ти и појако од ова. Од 3 пати што беше 3 пати го уништува клубот од незнаење и од неработење. Болен човек беше и остана“ – напиша Грнчаров на својот фејсбук профил.
Нормално, на сето тоа не пропушти можност да му одговори и Дарко Панчев:
„Eх, моја чудесна Македонија. Што се не изроди овој хумус, оваа наша почва, и пак опстојува. Не знаеме до кога, но опстојува. Ова е третпат како ме прозива Б. Грнчаров и морам да кажам дека веќе трет пат удира со глава во ист ѕид. Си велам, проблемот до главата ќе е, или сепак до ѕидот ќе да е, изгледа?! Кога ги напиша првите “пофални” колумни за мене, си велам, ај од мастиката ќе да е изгледа, таа дава храброст. Но, после последната колумна гледам дека се лажам. Дечково е на нешто појако, сигурно. Си мислам, ај го заборавија веќе и дека играл фудбал, па вака ако напише нешто за мене ќе го зборат некој ден, ќе почуствува дека постои… Како и да е, во неговиот случај важи: Видела кокошката некој орел како лета високо, високо, па посакала и таа да биде тоа. На крајот сфатила дека е сепак само кокошка“.
„ЛЕГЕНДИ“!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

