Најголемиот победник на ЕВРО 2020: Вијали го победи канцерот, па стана европски првак со Италија

Италијанската бајка наречена ЕВРО 2020 заврши со хепиенд, „аѕурите“ иако не беа вбројувани меѓу фаворитите стигнаа до европската круна покажувајќи квалитет и карактер, предводени од извонредниот Роберто Манчини на клупата.

Манчини крај себе го имаше поранешниот соиграч од Сампдорија, Џанлука Вијали, кој доби шанса да работи во националниот тим само неколку месеци откако ја победи тешката болест. Екс-голгетерот беше дијагностициран со рак на панкреасот во 2017 година, на крајот успеа да излезе како победник од долгата борба, по што стигна и повикот на Манчини за приклучување во работата на националниот тим.

Фотографијата од нивната заедничка прегратка по завршувањето на финалето е една од најемотивните, исто како и онаа од прославениот ас со пехарот од ЕВРО 2020 во рацете.

„Јас и Вијали сме пријатели долги години, уште од времето кога заедно игравме за Сампдорија. Немавме среќа да станеме европски прваци со Сампдорија во 1991, сега тоа се промени. По сето она што му се случуваше, пресреќен сум за мојот пријател, кој еуфорично го прослави големиот успех“, прокоментира Манчини.

Се вчитува...