Најголемите губитници во „корона-ерата“

Пандемијата од коронавирусот зема животи, ја намалува економијата на земјите, влијае на психичкото здравје, а што се однесува до фудбалот влијае на подвизи од историски размери. Како фудбалската сезона во лигите се ближи кон својот крај, така голем дел од сопствениците, тренерите и фудбалерите го обвинуваат коронавирусот дека ги чинел подобри резултати и трофеи. Големата пауза донесе големи последици за Барселона, Лацио, Лестер, Бенфика, Галатасарај и Валенсија.

Пред паузата Лацио беше на само бод негатива зад Јувентус и во игра за титулата во Серија А, по пауза од 20-тина години. Тимот предводен од Симоне Инзаги имаше харизма и неверојатна енергија. Се изгледаше дека по две децении можно е титулата повторно да дојде на „Олимпико“. Сепак, по долгата пауза тоа веќе не е истиот тим. „Лацијалите“ не можат буквално никого да победат и на крајот најверојатно според формата ќе мора да се задоволат само со четвртото место.

Кога Лионел Меси пред крајот на натпреварот со Сосиедад погоди од пенал и успеа да го анулира поразот во „Ел класико“, а Реал Мадрид загуби од Бетис, Барселона беше во комфорна позиција и се чинеше дека повторно ќе стигне до посакуваниот трофеј. Сепак, уште пред паузата поради корона почнаа скандали да го тресат тимот. Лошата атмосфера се пренесе и на тимот. Фудбалерите не се истите како пред паузата. Барса се мачи буквално на секој натпревар, а Реал Мадрид по паузата е безгрешен. Каталонците потклекнаа на најважните натпревари и очигледно на крајот ќе мора да се задоволат само со второто место во Ла лига.

Валенсија е во слични проблеми. Тимот пред паузата беше во борба за Лигата на шампионите, а сега е прашање дали ќе успеат да стигнат и до Лигата на Европа. На 9 натпревари по враќањето на Ла лига, Валенсија успеа да забележи само една победа, против Реал Сосиедад.

Сличен проблем има и Лестер Сити. Иако беа далеку од шампионската генерација од 2016, „лисиците“ годинава повторно беа хит во Премиер-лигата. Пред паузата беа втори и сите ги гледаа во ЛШ следната сезона. Сепак, формата по враќањето на фудбалот е очајна и на крајот е прашање дали ќе успеат да се најдат меѓу четирите најдобри, бидејќи според играта во моментов во пол-позиција се Челси и Манчестер Јунајтед.

Иако не припаѓа во најсилните лиги во Европа, португалската Примера донесе нешто неочекувано по нејзиното враќање. Бенфика е можеби поголем трагичар и од Лацио и Барселона. Тимот од Лисабон игра катастрофално и иако во последните шест години пет пати стигаше до трофејот, овојпат ќе мора да му честита на Порто.

Големо разочарување е и турскиот гигант, Галатасарај кој веќе месец дена нема победа во домашниот шампионат и под знак прашање е и учеството во Лигата на Европа следната сезона.

 

Се вчитува...