Најголемите лузери во 2022: Роналдо, Италија, Ѓоковиќ…

Како што има свои херои и добитници, годината што изминува има и свои лузери, спортски асови и колективи на кои ќе им остане во кошмарно сеќавање.

Ова е нашиот избор на петмината најголеми лузери во 2022…

КРИСТИЈАНО РОНАЛДО

Португалецот за само неколку месеци го урна митот на беспрекорен професионалец што го красеше низ целата кариера. Влезе во војна со Тен Хаг во Манчестер Јунајтед од која излезе како голем лузер, голем дел од времето минувајќи го на клупата за резерви, а правејќи и неколку инциденти со предвремено напуштање на стадионот за што беше казнет од Манчестер Јунајтед.

На крајот си замина како слободен играч од „Олд Трафорд“, но продолжи со проблеми и во Португалија, каде го загуби првотимскиот статус и беше седнат на клупата за резерви на клучните натпревари.

ИТАЛИЈА

Една година откако станаа европски шампиони, „аѕурите“ претрпеа огромно разочарување не успевајќи да се пласираат на СП 2022 во Катар.

Македонија беше репрезентацијата што им го нанесе најболниот пораз во историјата, откако Александар Трајковски постигна гол во судиското продолжение и ги шокираше домашните фанови на стадинот во Палермо.

Италијанците не знаеја што ги снајде, селекторот Манчини најави оставка, па се премисли, но мечот со Македонија сите кои беа дел од репрезентацијата на Италија минатиот март, ќе го паметат цел живот.

НОВАК ЃОКОВИЌ

Србинот нема по добро да ја памети 2022 година, по бројните забрани за учества на елитни турнири поради неговото одбивање да се вакцинира од коронавирус.

Годината му почна со скандалозното однесување на австралиските власти, кои најпрвин му дозволија влез во државата, но потоа го променија ставот, па по мачен судски процес Ѓоковиќ на крајот беше протеран од земјата.

Поради строгите Ковид-протоколи Новак воопшто не отпатува во Њујорк за настап на УС Опен, пропушти и бројни мастерс-турнири, што придонесе да падне од првото место на АТП-листата.

ПАБЛО ЛАСО

Врвниот кошаркарски стратег Пабло Ласо се посрамоти во финалето од Евролигата, кога при последниот напад на Ефес реши да не прави прекршок. Реал губеше со еден поен разлика, а турскиот состав умешно го истроши времето, па по шутот на Ларкин и обидот за скок на Синглтон се огласи сирената за крај, без „кралевите“ воопшто да добијат шанса за последен напад.

Доколку имаше фаул, дури и во случај на две погодени слободни фрлања на Ефес, Реал ќе имаше шанса за израмнување, но катастрофално лошата проценка на Ласо ги остави „кралевите“ без европска круна на фајналфор турнирот во Белград.

ЛОС АНЏЕЛЕС ЛЕЈКЕРС

Кога го имате Леброн Џејмс во своите редови, логично е да очекувате да се борите за највисок пласман, но тоа не беше случај во 2022 со Лос Анџелес лејкерс. „Езерџиите“ тотално разочараа не обезбедувајќи плејоф во ланската сезона, а потоа уште послабо влегоа во новиот шампионат, годината завршувајќи ја со скор од 15 победи и 21 пораз.

Атмосферата во тимот е катастрофална, Ентони Дејвис е повреден, а и Леброн веќе почна гласно да зборува за заминување.

Се вчитува...