На само два дена до почетокот на новиот фудбалски Мундијал, потсетуваме на најголемите скандали во историјата на светските шампионати, со надеж дека на оваа ранг-листа нема да се појават нови несакани случувања токму од шампионатот во Русија.
„Божјата рака“ на Марадона (СП 1986)
Најскандалозниот гол на сите светски шампионати досега е постигнат на четвртфиналниот меч меѓу Аргентина и Англија на Светското првенство во 1986 година што се одржа во Мексико. При резултат 0-0, во раната фаза од второто полувреме, Диего Армандо Марадона скокна пред голманот на „гордиот Албион“, Питер Шилтон, и со левата рака ја испрати топката во голот. Судијата не го забележи спорниот удар со рака, го призна голот, а Марадона, веднаш по тој погодок, постигна уште еден, откако од центар ги издрибла сите фудбалери на Англија. Беше тоа „гол на векот“, а Аргентинците победија на овој натпревар со 2-1, по што подоцна го освоија и Светското првенство. По овој инцидент, Марадона стана најомразена личност на Островот, а Англичаните тоа не можат да му го простат ниту до ден-денешен.
Фантомскиот гол на Џеф Харст (СП 1966)
Прашањето што со децении кружи низ фудбалскиот свет е дали на Англичаните „со врски“ им е признат третиот гол постигнат во финалето на Светското првенство во 1966 година против Германија, што се одржа токму во Англија. При резултат 2-2, во осмата минута од продолженијата, Џеф Харст ја упати топката кон голот, но таа удри во гредата и се одби во полето. Остана мистерија, дали откако се одби од гредата, топката падна зад гол-линијата од голот на Германците или пред неа? Судијата од Швајцарија, Готфрид Динст, се консултира со својот помошник, Тофик Бехрамов од поранешен СССР, и го призна голот. Тогаш Англија ја освои светската титула, досега единствен пат во историјата, откако победи со 4-2. Технологијата со текот на времето напредуваше и беше утврдено дека топката не ја минала гол-линијата. Кога подоцна го запрашале помошниот судија Бехрамов, зошто посочил дека голот е регуларен, тој рекол: „Сталинград“. Со тоа алудирал на Втората светска војна и најкрвавата битка меѓу Советите и нацистите.
Италија, Шпанија и Португалија плачат за завера (СП 2002)
Во текот на Светското првенство во 2002 година, Италија, Шпанија и Португалија имаа големи забелешки на судењето во мечевите против коорганизаторот на мундијалот, Јужна Кореја. Италијанците налетаа на Јужна Кореја во осминафиналето. На овој меч Франческо Тоти беше исклучен поради симулирање, а досуден е и сомнителен пенал за домаќините по стартот на Кристијан Панучи. Корејците минаа понатаму со „златниот“ гол на Јунг-Хван Ан, но судењето на Еквадорецот Бајрон Морено беше во прв план. Италијанците се жалеа на завера, а им се придружија и Шпанците на кои им беа поништени два гола во следната рунда, па беа елиминирани по изведувањето пенали. На крајот на мечот, соиграчите едвај го задржаа Иван Елгера физички да не го нападне главниот судија. Португалците претходно се жалеа дека судиите ја фаворизираат Јужна Кореја уште во натпреварите по групи во првата фаза од мундијалот.
„Јазикот на насилство“ на Антонио Ратин (СП 1966)
Аргентинците тврдат дека „божјата рака“ на Марадона во Мексико во 1986 година е одмазда за дуелот против Англија 20 години претходно, во четвртфиналето на Светското првенство во 1966 година, кога „гаучосите“ се чувствувале измамено. Англија славеше со 1-0 со голот на Џеф Харст, а претходно, во 35-тата минута, скандалозно беше исклучен Антонио Ратин, капитенот на Аргентина, за приговор кон судијата Рудолф Крајтлајн. Ратин прво не сакаше да го напушти теренот, а кога излегуваше ја навредуваше кралицата. Селекторот на Англија, сер Алф Рамзи, изјави дека Аргентинците на тој натпревар играле како животни, но статистиката покажа дека „гаучосите“ направиле само 19 фаули, за разлика од 33 прекршоци што ги имала Англија. Подоцна се откри дека судијата Крајтлајн не знаел шпански, па не можел да разбере што му приговорил исклучениот Ратин.
„Супер-одбраната“ на Шнелингер (СП 1966)
Уругвај беше убедливо поразен од СР Германија во четвртфиналето на Светското првенство во 1966 година со 4-0. Меѓутоа, впечаток е дека никогаш во историјата нема потенденциозно судење отколку на овој натпревар. Јужноамериканците доминираа во раната фаза од мечот и заслужија да поведат, но дефанзивецот на Германија, Карл-Хајнц Шнелингер со „летечка одбрана“ со рака спречи топката да отседне во горниот лев агол од голот. Неверојатно, англискиот судија Џим Фини, само одмавна со раката, а во второто полувреме исклучи од игра уште двајца Уругвајци, по што Германците постигнаа три гола.
Југославија срамно украдена во полуфиналето со Уругвај (СП 1930)
На првото Светско првенство организирано во историјата, се памети неправдата која ја доживеа селекцијата на тогашна Југославија која беше најголемото изненадување на турнирот. Во полуфиналниот натпревар Уругвај ја совлада репрезентацијата на Југославија со 6-1 но само благодарение на огромните судиски неправда. Историјата памети дека при 1-1, откако Уругвајците биле тотално немоќни, при една акција топката од гол-аут во игра на терен ја вратил еден од полициските службеници, домашните постигнале гол а под притисок на преполните трибини и повеќе од 100.000 во Монтевидео главниот судија го признал погодок. Тотално демотивирани Југословените на крај загубија со 6-1, освојувајќи на бронзата на првото Светско првенство!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА