Познати се полуфиналните двојки на Европското првенство 2024. Согласно и очекувањата, во големата четворка главно се и репрезентациите кои се издвојуваа како фаворити пред почетокот на шампионатот. Франција против Шпанија и Англија против Холандија ќе ја водат битката за големото финале.
Но, поголемиот дел фудбалски аналитичари и европски медиуми, сметаат дека ова е едно од најлошите првенства во историјата.
Еден од нив е и италијанскиот новинар Карло Гарганезе кој се занимава исклучиво со европскиот фудбал, а кој вели дека ова првенство навистина не е за гледање.
„ЕВРО 2024 е со најлош квалитет од сите европски и светски првенства во мојот живот. Сите големи селекции, освен можеби Шпанија и Германија, не беа воопшто за гледање. Каде се суперѕвездите? Каде се напаѓачите и дриблерите? Па, фудбалот и тактиката во селекциите се сведе само непотребно и бесполезно да се контролира топката, импотентен фудбал, беа акции, беа напади кон гол, беа шутеви… Фудбалот е во огромен пад во последниве 20 години. Играчите кои се само роботи се физички поподготвени и тоа е тоа. Ништо повеќе. Ниту фудбалска креативност, ниту убавина…“ – пишува Гарганезе.
Токму на оваа тема неодамна во анализата за ЕКИПА се осврна и Дарко Панчев…
„Сигурен сум дека фудбалот не може многу да се смени. Променет е само начинот на кој тренерите внесуваат сега некоја филозофија на тактики со непотребно ‘пумпање’ посед на топка од кој нема ефект. Во нашето време, основната фудбалската филозофија беше со што помалку допири на топка да се заврши секоја акција со центаршут или шут. А, кога има постојани нафрлувања или шутеви кон противнички гол, вистинските голгетери се секогаш во ситуација да ги искажат своите реализаторски способности. А, сега гледаме дека фудбалот е повеќе во фаза на постојано движење на топката од лево кон десно, па потоа назад повторно на спротивната страна, па враќање на топката на своја половина, нов и нов почеток на акција, без ефект. И сето тоа до недоглед, додека не се загуби топката. Во тој контекст се загуби онаа вистинска убавина на фудбалот, со она неатрактивно ‘пимплање’…, и навистина не знам до кога сета оваа тренерска ‘филозофија’ ќе трае и дали може да издржи“ – вели Панчев и дополни:
„И голем број поранешни фудбалски ѕвезди го потенцираат сето ова. Неодамна и еден гол-играч како Двајт Јорк, од Манчестер јунајтед, од ерата на Алекс Фергусон, кој беше одличен двоец со Енди Кол, го нагласи сето тоа. ‘Денешното малтретирање на топката до бескрај само го убива фудбалот. Во мое време единствената цел беше што побрзо да се дојде до позиција за да се постигне гол. Впрочем, фудбалот се игра и за да се постигне гол повеќе. За тоа и доаѓа секој навивач на стадион’ – ќе рече Јорк. Затоа сметам дека тие некои тактички новини кои се обидуваат вештачки да ги наметнат не носат нешто позитивно за фудбалот“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА