Макс Ферстапен излезе како победник од супер-драматичната трка за Големата Награда на Германија што се возеше денеска на патеката „Хокенхајм“. Возачот на Ред Бул најдобро се снајде на тешките услови и честите температурни промени, максимално користејќи го очајниот ден на возачите на Мерцедес, Луис Хамилтон и Валтери Ботас, кои останаа без бодови на германското гран-при. Максимални комплименти заслужува Себастијан Фетел, кој ја почна трката од последното место, а на крајот стигна до втората позиција.
Обилниот дожд беше причина од самиот почеток да бидеме сведоци на возбудувања, но се чинеше дека Луис Хамилтон, кој тргна од пол-позицијата, ќе умее да ја исконтролира ситуацијата. Британецот сепак се соочи со проблеми, беше и казнет со пет секунди, а згора на тоа беше и под дополнителна истрага за „пребавно возење зад безбедносното возило“.
Хаос настана на дваесетина круга пред крајот, кога речиси сите болиди поради новите климатски промени тргнаа да ги менуваат болидите. Строл го стори тоа нешто претходно, па максимално профитираше и за момент се најде и на чело на колоната. Ферстапен набрзо се врати на првото место, а во прилог на асот на Ред Бул одеше и ситуацијата со ривалите од Мерцедес, Хамилтон поради проблеми со болидот се најде на „опашката“ од колоната, додека Ботас во обид да го стигне Ферстапен излета од патеката на шест круга до крајот.
Холанѓанецот на крајот заслужено стигна до втората победа сезонава, пред одличниот Фетел и Квијат, зад кого следеа Строл, Саинц, Албон, Раиконен, Џовинаци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА