Пеп Гвардиола гледа на фудбалот на поинаков начин од многумина тренери, па многу често знае да им најде нова улога на своите фудбалери и да го извлече најдоброто од нив. Така, додека тој го водеше тимот на Баерн Минхен германскиот репрезентативец Филип Лам од десен бек беше прекомандуван во средниот ред, Давид Алаба стана централен дефанзивец, а Џошуа Кимих доби шанса како десен бек.
Сепак, најлудата идеја на Гвардиола не се реализираше – од Мануел Нојер да направи играч за врска, бидејќи управата на Баерн Минхен не му дозволи таква рокада на својот тренер.
„Пеп беше многу сериозен во својата намера, да види како ќе се снајде Нојер во средниот ред, беше убеден дека тоа ќе биде одлично. Титулата веќе ни беше осигурана и Гвардиола имаше решено еден меч да го почнеме со Нојер како плејмејкер. Едвај го убедивме да се премисли, бидејќи многумина ќе го протолкуваа таквиот потег како потценување на противникот. Од сегашна перспектива, малку ми е жал бидејќи ќе беше навистина интересен експеримент“, откри претседателот на Баерн, Карлхајнц Румениге.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА