Најновиот „ПРЕСИНГ“ со Дарко Панчев и Кире Лазаров: „Обединети Македонци, обединета Македонија се неопходни на нашиот спорт!“ (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, Дарко Панчев и Кире Лазаров, едногласно ја потенцираа неопходноста од поддршката за секој квалитетен поединец во македонскиот спорт, и обединетоста кога се во прашање националните селекции, затоа што на крајот не победува поединецот туку Македонија.

Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кире Лазаров, потсетувајќи се на жестоките критики кои ги доби но и задкулисни игри, па и од свои колеги со кои го делеше ракометниот терен во минатото, по Светското првенство 2023 во Полска, нагласи дека поддршката за секој што работи квалитетно и трпението за да се дојде до резултат е повеќе од неопходна.

„Дарко секако знае, во една кариера, врвна кариера, мора да ти се случуваат и такви работи, како што ни се случи Светското првенство во Полска. Мора да ги надминеш тие работи, мора да бидеш поголем од тоа. А, луѓето се такви. Значи, кога ќе начекаат, ќе те критикуваат и ќе пробаат да те тргнат“ – истакна Лазаров во подкастот „Пресинг“ и дополни:

„Сами кажавте, во еден многу тежок период се нафатив, не само да ја преземам репрезентацијата и да направиме заеднички промена на таа генерација, туку и да играм, за да не се почувствува некој пад… Јас две години бев селектор-тренер, но не затоа што мене ми се играше, туку затоа што не сакавме да доживееме драматичен пад, и ние тоа успеавме да го оствариме. Ние продолживме со уште наредни четири години на континуитетот. Се пласиравме на европско во Унгарија, на светско во Полска, на европско во Германија, на светско во Хрватска, и сега на европско пак во Скандинавија. Имаше многу тешки моменти, како тоа Светско првенство во Полска. Во тој период имаше и една многу, како да кажам, јака позадина за создавање негативна кампања, за која што не сакам да зборувам. Нека им служи на чест на сите тие што што ја креираа и што им доаѓаа такви идеи во главите. Но, на крај не победи Кирил Лазаров, не победи ниту федерацијата, ниту Живко Макетов. Победија Македонија и македонскиот ракомет затоа што ние сега пред шест месеци во Хрватска, во Вараждин сите бевме обединети Македонци. Ние треба да се бориме сите“.

„Да. Не е никој совршен, не е никој најдобар на свет, не сум ни јас најдобар тренер на свет. Можеби некогаш ќе бидам, но ни треба поддршка и ако некој работи квалитетно, треба да му се даде поддршка. Кога е за критикување, да се критикува аргументирано. Но, на крај најважно е да добие Македонија и да победи Македонија и да се случуваат работи како што се случија на последното Светско првенство. Обединети Македонци, обединета Македонија, навиваме за Македонија и тогаш многу потешко им е на нашите противници. Мислам дека Македонија е на еден извонреден пат. Новото раководство има обврска да го надогради тоа што ние го создадовме и во иднина да прави поголеми резултати“ – заокружи Лазаров.

КОМПЛЕТНИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ МОЖЕ ДА ГО ГЛЕДАТЕ НА НАШИОТ ЈУТЈУБ-КАНАЛ

Се вчитува...