Стартот на новата сезона во Евролигата е закажан за следната седмица, а специјализираниот портал “Eurohoops” традиционално пред почетокот на новиот шампионат го објави списокот на најплатени кошаркари во елитното европско натпреварување.
На врвот нема промена, исто како и лани играч со најголема плата во Евролигата е Шејн Ларкин. Одличниот бек летово беше поврзуван со заминување, но на крајот ја прифати понудата за нов договор со Ефес, за плата од 3,75 милиони евра по сезона.
Саша Везенков, кој по една година во НБА-лигата се врати назад во Олимпијакос ќе заработи 3,7 милиони евра за следната сезона во дресот на грчкиот гигант.
Најдобриот стрелец во историјата на Евролигата, Мајк Џејмс, има плата од три милиони евра во Монако, а веднаш зад него се наоѓа Костас Слукас, кој со потписот од Олимпијакос пред две години си обезбеди фантастична плата од 2,8 милиони евра.
Зад Слукас на петтото место се наоѓа центарот Валтер Тавареш, кој со новиот договор со Реал се избори за плата од 2,7 милиони евра, додека шестопласиран е екс-капитенот на Партизан, Кевин Пантер, кој по трансферот во Барселона ќе заработи 2,6 милиони евра за наредната сезона.
Следат Никола Миротиќ од Милано и Кендрик Нан од Панатинаикос со по 2,5 милиони евра годишна заработувачка, зад нив е Дариус Томпсон од Ефес со 2,3 милиони, а на делба на десеттото место се наоѓаат четири кошаркари: Фурние од Олимпијакос, Хернангомез од Барса, Поарие од Ефес и Хејс-Дејвис од Фенербахче со заработувачка од 2,2 милиони евра за наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА