Од поодамна е јасно дека ПСЖ е финансиски убедливо најмоќниот клуб во Франција, па затоа и не е преголемо изненадувањето што „светците“ доминираат на листата на најплатени фудбалери во шампионатот на оваа земја. Тиражниот весник „Л’Екип“ во своето денешно издание го објави списокот на фудбалери што најмногу заработуваат, а од првите десет на ранг-листата дури деветмина се членови на вицешампионот од Париз.
Доминацијата на „светците“ ја нарушува единствено Радамел Фалкао, со месечна бруто плата од 750.000 евра. Сосема очекувано, на врвот е Нејмар со плата од три милиони евра месечно (пред оданочување). Тој зема речиси двојно повеќе од својот соиграч Единсон Кавани (1,54 милиони евра месечно), а зад Уругваецот се Мбапе, Тијаго Силва, Ди Марија… Поголема плата од Фалкао земаат и Мота и Пасторе, а зад голгетерот на Монако се наоѓаат уште и Дани Алвеш (700.000 евра месечно), Дракслер и Верати (по 600.000 евра месечно).
Најплатени фудбалери во Олимпик Марсеј се Дмитри Паје и Луиз Густаво со бруто плата од 500.000 евра на месец, сума што ја зема и Хатем Бен Арфа, кој воопшто не настапува за ПСЖ и средбите на својот тим ги следи од трибините.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА