Хрватска го отпушти Перковац по слабите резултати на ЕП 2024, а Зоран Гобац е на добар пат да го донесе првиот странец во историјата на „коцкестите“ што ќе седне на клупата на националниот тим.
Станува збор за Дагур Сигурдсон, 50-годишниот исландски стратег кој моментно е најплатен селектор на светот, со договорот како кормилар на Јапонија вреден еден милион евра годишно. Сигурдсон ги оправда очекувањата на „самураите“ носејќи ја оваа селекција на ОИ 2024, но Исланѓанецот станал носталгичен за Европа и сака да се врати на „Стариот континент“, а Хрватска му нуди таква можност.
Како што информира „24 Сата“, Сигурдсон веќе пристигнал во Загреб на разговори со Гобац и највисокото раководство на Хрватската Ракометна ФЕдерација.
„Точно е, Дагур долета во Загреб заедно со својот адвокат, моментно преговорите се во тек“, информираат од Хрватската Ракометна Федерација за „24 Сата“.
Понудата за Сигурдсон ќе изнесува 300.000 евра годишна плата, а останува да се види како исландскиот стратег би можел предвреме да се ослободи од договорот со Јапонците, кој е со важност до завршувањето на ОИ во Париз.
Овој стручњак е селектор на Јапонија уште од 2017 година. Претходно, од 2014 до 2017 година беше селектор на Германија, со која стана европски првак на ЕП 2016.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

