Најромантичната бајка во квалификациите за ЛШ: Тука, на снег и мраз, првпат ќе се игра групна фаза од УЕФА натпреварување (ВИДЕО)

Фудбалерите на Ки Клаксвик од Фарските острови приредија сензационален, историски резултат со пласманот во 3. коло од квалификациите за Лигата на шампионите. По Ференцварош, го елиминираа и шампионот на Шведска, Хакен (по пеналите) па последна препрека пред плеј-офот во Лигата на шампионите им е норвешкиот шампион Молде.

Апсолутен херој, не само на Клаксвик, туку и низ досегашниот тек на квалификациите е 31-годишниот напаѓач Арни Фредериксберг кој извонредно го води својот тим. Клаксвик и во двата меча, и со Унгарците и со Швеѓаните, на домашен терен одигра без голови и пласманот во следните рунди го обезбедуваше на гостински терен.

Феноменално славеа против Ференцварош среде Будимпешта со 0-3, а потоа и на Хакен му дадоа три гола на гости во ремито (3-3) а потоа на пенали продолжија понатаму. Од тие вкупно шест гола на тимот, пет се дело на Арни Фредериксберг, два против Ференцварош и хет-трик постигна во Гетеборг.

Со пласманот во третата рунда квалификации за ЛШ, Ки Клаксвик веќе успеа што ниту еден клуб од оваа земја досега – обезбеди групна фаза во некое од УЕФА натпреварувањата оваа есен. Ако тоа не биде Лигата на шампионите, ќе биде Лигата на Европа, а во најлош случај им следи играње во Конференциската лига која веќе ја обезбедија.

Своите натпревари ги играат на стадионот „Џупумира“ кој е со капацитет од 2.000 седишта. Па тука, окован со снег и мраз во сезоната кога ќе стартува групната фаза, Клаксвик ќе ги пречекува своите противници во обидот да запише и нова историја за себе и за Фарските острови.

Се вчитува...