ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Македонските ракометари вечерва со почеток во 20.30 часот ќе излезат за последен пат на мегдан во арената во Вараждин, на дуел со моќната Франција во рамките од третото коло од главната рунда од СП 2025.
Математички нашата селекција на почетокот од овој натпреварувачки ден се уште има шанси за пласман во Топ 8, но се очекува тие да исчезнат веќе по првиот денешен дуел во Вараждин, во кој Унгарија е апсолутен фаворит за триумф над Катар. Токму затоа, погледите на нашите ракометари и стручниот штаб се насочени само кон што подобро претставување, без преголем резултатски притисок.
„Јас би можел да кажам дека ова ни е најлесниот, не најтешкиот меч за нас на овој мундијал. Знаеме против кого ќе играме, тие заедно со Данска се двете најдобри светски репрезентации во последните десетина години, ние влегуваме во натпреварот свесни дека немаме што да загубиме, вчерашниот ден момците добија тотален одмор бидејќи ако нешто ни биде потребно со Франција, тоа е сила за да се носиме со Французите. Ќе се обидеме да му парираме на противникот, секако онолку колку што ќе ни биде дозволено“, вели селекторот Лазаров пред денешниот меч.
Последната пресметка со моќната Франција ја имавме пред само едно година, кога во првиот меч од ЕП во Германија загубивме со десет гола разлика во натпревар што ќе остане запаметен по тоа што беше одигран на фудбалски стадион, пред повеќе од 50.000 навивачи на трибините.
Сепак, работите оттогаш се значително променети во нашиот табор, создадена е една позитивна атмосфера, напредокот во играта е очигледен, а денешниот натпревар со моќен ривал како Франција е идеален за проверка на можностите во пресрет на наредните предизвици, двомечот со Словенија во квалификациите за ЕП 2026 закажан за месец март.
„За Франција не треба да се трошат зборови, знаеме против кого играме и за каква репрезентација станува збор. Не треба да ги прецениме, треба да уживаме и да влеземе борбено. Нема да се предадеме, треба да играме за победа, дали тоа ќе биде доволно ќе видиме на крајот. Ни недостасува атмосферата од групната фаза, но разбирливо дека првенството е долго. Им благодариме на сите за поддршка, фановите од трибините и тие пред малите ТВ-екрани ни дава дополнителен мотив да се бориме повеќе и да постигнеме добри резултати“, изјави Марко Кизиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА