Најтешкиот меч мина најлошо: Убедлив пораз од Словенија и тешка повреда на Марко Митев

Ракометната репрезентација на Македонија претрпе пораз од 28-27 на гостувањето во Копер против Словенија, во рамките од четвртото коло од квалификациите за ЕП 2026. Ова беше дефинитивно најтешкиот меч што нашите ракометари мораа да го играат, ако се земе во предвид страшната трагедија утрово ја погоди цела Македонија, поради што федерацијата побара дуелот во Копер да биде одложен, но беше одбиена од страна на ЕХФ. За проблемите да бидат уште поголеми, тешка повреда на денешниот меч заработи Марко Митев, кој на носилки го напушти теренот и одличниот бек сигурно го очекува подолга пауза од терените.

Од самиот почеток стана јасно дека полетните Словенци лесно ќе стигнат до победата, нашите ракометари делуваа во шок, надвор од посакуваниот ритам, што придонесе предноста на домашната селекција од минута во минута се повеќе да расте. Лазаров се обиде со рокади во тимот, уште во првото полувреме го внесе и Галевски на голот (младиот голман имаше неколку добри интервенции), но Словенија јасно покажа дека нема намера да го намали темпото. При 18-12, на една минута до крајот на полувремето тргнавме во „седум на шест“, но се случи да примиме два гола во празна мрежа и Словенија на одмор да замине со 20-12.

Домаќинот набрзина во вториот дел стигна до двоцифрена предност, умешно одржувајќи ја убедливата позитива до самиот крај. Митревски се врати на голот и имаше неколку извонредни интервенции, но искусниот голман не можеше да ги запре константните налети на Словенците, кои доминираа до крајот и славеа со конечни 38-27.

Кузмановски со шест гола беше најефикасен во нашиот табор, а по три погодоци постигнаа Пешевски, Лазаревски, Серафимов и Атанасијевиќ, додека голманите Митревски и Галевски имаа по шест успешни интервенции. Најдобри во таборот на Словенија беа Влах со девет и Мливиќ со седум погодоци.

Во преостанатите две средби од овој квалификациски циклус нашите репрезентативци ги очекува гостување во Естонија и домашен дуел со Литвнаија, мечеви на кои сме фаворити за две победи со кои рутински би обезбедиле пласман на ЕП 2026.

Се вчитува...