Најтешките порази во кариерите на Џордан, Болт, Федерер, Надал…

Леброн Џејмс се врати на терените по повредата, но веќе на првиот натпревар го претрпе најкатастрофалниот пораз во кариерата, губејќи со ЛА лејкерс на гостувањето против Индијана со 42 поени разлика (136-94). Секако, лош ден може да им се случи и на најдобрите, а фијаското на Леброн и лејкерси е доволен повод за навраќање на најтешките порази во кариерите на најголемите спортски великани, како Џордан, Федерер, Надал, Болт…

МАЈКЛ ЏОРДАН

Најголемиот кошаркар на сите времиња најтешкиот пораз го претрпе пред крајот на кариерата, кога како член на Вашингтон визардс загуби од Њу Џерси нетс со неверојатни 50 поени разлика (117-67). Џордан постигна скромни 10 поени, а по натпреварот беше бесен на соиграчите.

„Срамота е некој на 40 години да покажува поголема желба за игра од 20-годишници“ – истакна Мајкл Џордан по најтешкиот пораз во кариерата.

МАЈКЛ ФЕЛПС

Американскиот пливач на ОИ во Лондон го бранеше златото на 400 метри, но не успеа да стигне до место на подиумот. Тоа беше негов прв олимписки пораз во последните осум години, освојувајќи го четвртото место, прв пат останувајќи без подиум по Сиднеј 2000. Златниот медал му припадна на Лохте, среброто на Переира, а бронзениот медал заврши на градите на Хагино.

УСАИН БОЛТ

Болт и на 20-годишна возраст најавуваше дека ќе биде нов владетел во атлетиката, па токму затоа тешко му падна поразот на Гран-при митингот во Лондон, каде на трката на 200 метри се пласираше зад тројца Американци. Тајсон Геј победи со 19,84 секунди, Ксавиер Картер беше втор со 19,98, а Валас Спирмон трет со 20,11 секунди. Болт истрча очајна трка, минувајќи ја делницата за 20,54 секунди.

Само за споредба, асот од Јамајка во 2009 година во Берлин истрча 200 метри за 19,19 секунди, рекорд што се уште е недостижен.

РАФАЕЛ НАДАЛ

Шпанецот на 19-годишна возраст се посрамоти во четвртфиналето од турнирот во Буенос Аирес, губејќи од Гастон Гаудио со неверојатни 6-0, 6-0, 6-1. Неколку години подоцна, Надал прговори за тој пораз.

„Мојот успех како тенисер почна токму со тој пораз, бидејќи тој неуспех толку болеше што ќе го паметам цел живот“ – истакна Надал, кој неколку месеци подоцна стигна до својата прва титула на Ролан Гарос.

Дефинитивно, Шпанецот уште тогаш имаше навика експресно да извлекува поуки од поразите.

РОЏЕР ФЕДЕРЕР

Швајцарскиот тениски великан има претрпено два катастрофални порази, двата на земјена подлога… првиот во Монте Карло од Налбандијан со 1-6, 2-6, а вториот и сигурно најболен – оној во финалето од Ролан Гарос во 2008, кога беше декласиран од Рафаел Надал со 1-6, 3-6, 0-6.

РЕАЛ МАДРИД И БАРСЕЛОНА

Двата фудбалски гиганти, Реал Мадрид и Барселона, најтешките порази во својата историја ги имаат претрпено пред речиси 90 години.

Реал Мадрид мина катастрофално на дуелот со Еспањол во 1930 година, губејќи со неверојатни 8-1. Уште потежок е дебаклот што една година подоцна го претрпе Барселона, откако каталонскиот гигант загуби од Атлетик Билбао со 12-1.

Се вчитува...