Селекцијата на Македонија за кошаркари до 16 години не успеа да се пласира во четвртфиналето од Европското Првенство во Удинезе, откако попладнево претрпе убедлив пораз од Русија (70-45). Нашите млади кошаркари се надеваа на чудо, но тотално потфрлија во играта во нападот, завршувајќи го мечот со катастрофални 45 постигнати поени (само 25 во првите три четвртини).
Лошиот шутерски ден беше најавен од самиот почеток, откако на Македонија и беа потребни повеќе од пет минути за да го најде патот до противничкиот кош. Дури по тајмаутот што го зеде селекторот Дервишевиќ центарот Симиќ успеа да реализира, но проблемите продолжија во текот на целиот меч. Добрата одбрана овозможи разликата во првата четвртина да биде скромни четири поени (11-7), но како што одминуваше времето така и предноста на фаворитот се повеќе се зголемуваше.
Андреј Митревски со 14 поени беше единствениот со двоцифрен ефект во нашиот состав (6/16 шут од поле).
На одмор се замина со водство на Русија од 30-18, а откако и во третата четвртина не стигнавме до двоцифрен број на постигнати поени (16-7), стана јасно дека битката е загубена. Русите до крајот успеаја уште повеќе да ја зголемат својата предност и да триумфираат со убедливи 25 поени разлика.
Македонија сега до крајот на шампионатот ќе разигрува за пласман од 9. до 16. место, а прв ривал на нашата селекција ќе биде БиХ, репрезентација што денеска беше поразена од Турција со убедливи 87-65.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА