Нант и Лазаров само со бод од гостувањето кај Загреб

Загреб и Лино Червар ја продолжија лошата резултатска серија на Нант и на Кирил Лазаров во ракометната Лига на шампионите. Европскиот вицепрвак е во серија од три натпревари без победа по ремито 27-27 на гостувањето во Загреб во деветтото коло од групата „Б“. За Загреб ова е второ сезонско реми и со освоениот бод избега од последното место на табелата. Нант со осум бода останува третопласиран зад ПСЖ и Пик Сегед.

Во неизвесниот натпревар, Загреб и во првото и во второто полувреме имаше максимални три гола предност, Нант успеваше да воспостави резултатски баланс и во неколку наврати се враќаше во дуелот успевајќки дури и да влезе со предност од еден гол во завршните десет минути. Во финишот Загреб успеа да го одбрани ремито пропуштајќи дури и напад за победа.

Капитенот на македонската ракометна репрезентација постигна три гола од шест обиди.

Се вчитува...