Францускиот прволигаш Нант и официјално го објави составот на играчкиот кадар за наредната сезона, во која тренерот Ентрериос повторно ќе смета на Кире Лазаров.
Македонскиот „бомбардер“ најавуваше дека оваа сезона ќе му биде последна во кариерата, но во меѓувреме го промени ставот, договарајќи ги условите за нова едногодишна соработка. Договорот беше постигнат уште пред неколку месеци, а Нант денеска и официјално објави дека Лазаров ќе остане во клубот до јуни 2022 година. Покрај Македонецот, нови договори потпишаа уште и Валеро Ривера, Тибо Брие и Тео Морнар.
Во однос на изминатата сезона, тимот го напуштија Гурбиндо (оди во Вардар), Оливие Нијокас (нов член на Металург), потоа Аугустинсен (Штутгарт), Думулан и Батеј заедно се селат во ТРембле, додека капитенот на тимот Рок Фелињо замина во пензија на 38-годишна возраст.
Нови засилувања на Нант за наредната сезона се левиот бек на Мешков Брест, Александер Шкурински, десното крило на Трембле, Петро Портела, шпанскиот пивот Рубен Марчан од Адемар Леон, шведскиот десен бек Линус Персон од Иври, како и голманот Микаел Робин, кој најави дека ќе ја заврши кариерата, но во меѓувреме се премисли и реши да потпише едногодишен договор со Нант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА