Дека Македонија е аутсајдер на вечерашниот натпревар со Шпанија е многу јасно, а интересно ќе биде да се види дали Лино Червар ќе успее да најде начин да ја пробие одбраната на противникот, која важи за најсилен дел од играта на „црвенат фурија“. Шпанците и претходно, а особено сега под водство на новиот селектор Рибера, акцентот го ставаат на гранитната одбрана, од која на спротивната страна произлегуваат бројни лесни голови од контри и полуконтри во противничката мрежа.
Впрочем, Шпанија е селекцијата со најмногу блокирани удари на противниците (дури 5,3 по натпревар, наспроти 1,3 на Македонија), и со 64 примени гола се наоѓа во Топ 5 репрезентациите што се најдобри во оваа категорија (води Шведска со 60, пред Германија и Катар со по 61 примен погодок по првите три кола).
„Очекувам одбраната повторно да ни биде на посакуваното ниво бидејќи тоа е предусловот за наш успех, без разлика со кого играме“ – истакна шпанскиот селектор.
Пред Червар е тежок избор, дали да се обиде со „седум на шест“, што против таква одбрана е огромен ризок, или пак со „шест на шест“ да проба да најде дупка во „шпанскиот ѕид“.
„Против Тунис игравме добро и трпеливо, ја вртевме топката и чекавме да се создаде ситуација, додека против Словенија премногу брзавме со шутевите и плативме поради тоа“ – изјави Червар по првиот пораз на мундијалот.
И традицијата не ни е наклонета кога станува збор за играта во напад против Шпанија, со оглед на фактот дека од последните три средби со овој ривал, два пати постигнавме само по 17 гола (во квалификациите за ЕП 2014 во Данска, порази од 17-24 во Скопје и 29-17 во Шпанија), а границата од 20 погодоци ја миинавме само на тој европски шампионат, на кој мечот го одигравме без Кире Лазаров и загубивме со 33-22.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА