Напаѓачот Лирим Ќамили од дански Хвидовре ново име во репрезентацијата на Македонија!

Напаѓачот Лирим Ќамили од данскиот суперлигаш Хвидовре ќе биде ново име на списокот на селекторот Боби Милевски за престојните два пријателски натпревари против Молдавија (22. март) и против Црна Гора (25. март) кои ќе се играат во Анталија.

Како што информира за ЕКИПА данскиот новинар, Ерик Ларсен, Ќамили заедно со својот соиграч, веќе стандардниот репрезентативец Ахмед Иљазовски, од канцеларијата на ФФМ добиле покани за репрезентативен настап на престојните два натпревари.

25-годишниот Ќамили има македонски пасош, иако е роден во Данска. Игра во одлична форма оваа година, во вториот дел од шампионатот на Данска, со три постигнати погодоци на четири натпревари. Се работи за робусен, 190 сантиметри висок, напаѓач со исклучителна брзина кој може да игра и на крилните офанзивни позиции.

Селекторот Боби Милевски се очекува утре да го соопшти списокот на репрезентативци за мартовскиот собир, на кој не се очекуваат поголеми промени во однос на претходните собири, со исклучок на повредениот Исник Алими и Аријан Адеми, кој ја заврши репрезентативната кариера.

Собирот на репрезентацијата ќе биде во недела (17. март) директно во Анталија, а натпреварите се играат, против Молдавија на 22. март и против Црна Гора на 25. март.

Се вчитува...