Наполи даде „амин“: Осимен потпишува за Галатасарај

Виктор Осимен и дефинитивно ќе ја продолжи кариерата во дресот на Галатасарај, откако турскиот клуб конечно успеа да се договори со Наполи за целосен откуп на договорот на овој одличен голгетер. Нигерискиот напаѓач ја мина ланската сезона на позајмица во Галата и ги освои срцата на сите во клубот, што беше причина турскиот првак да тргне во неочекувана офанзива, во трка со Ал Хилал за потписот на голгетерот вреден над 70 милиони евра.

Јасно беше дека оваа сума би била апсолутен трансфер во турскиот фудбал, малкумина беа оптимисти на самиот почеток, но челниците на Галата најдоа дополнителни спонзори кои инвестираа за овој сон да може да се исполни. На крајот, следеа тешки преговори со Наполи во кои Турците ги прифатија сите услови на Де Лаурентис. Вкупната вредност на трансферот изнесува 86 милиони евра од кои Галата ќе плати 40 милиони евра веднаш, а останатите 35 ќе бидат исплатени на две рати во наредните две години.

Покрај тоа, италијанскиот шампион ќе има и 10% од следниот трансфер на Осимен, а Де Лаурентис успеа да се избори и за клаузула со која Галатасарај не смее да го продава Осимен на друг италијански клуб до крајот на 2027 година.

„Наполитанците“ уште еднаш се покажаа како тврд орев во преговорите, а Де Лаурентис на крајот успеа да го добие она што го посакуваше.

Се вчитува...