Наполи го договори Хојлунд, следен на листата е Елмас

Антонио Конте има причина за задоволство откако Наполи синоќа направи голем напредок во преговорите со Манчестер јунајтед за Расмус Хојлунд, па се очекува данскиот репрезентативец до крајот на денов и официјално да се пресели во редовите на новиот италијански шампион.

„Наполитанците“ беа принудени да се вратат на пазарот по нов голгетер откако Ромелу Лукаку заработи тешка повреда, а Хојлунд стана приоритет на тренерот Конте, желба што управата по се изгледа ќе му ја исполни на шампионскиот трофеј. Информациите од Италија говорат дека е договорено речиси се, Наполи ќе плати пет милиони евра за позајмицата, плус ќе има клаузула за откуп од 40 милиони евра што ќе биде активирана со лесно остварливи услови (мал број на одиграни натпревари за Хојлунд за Наполи сезонава).

Јунајтед начелно ги прифатил условите и останува уште да се дефинираат точните услови за активирање на клаузулата да стане задолжителна, по што Хојлунд би допатувал на лекарски прегледи и потпис во Неапол.

Медиумите од Апенинскиот полуостров најавуваат дека по комплетирањето на трансферот на Хојлунд, вниманието целосно ќе биде насочено кон Елиф Елмас. Позитивно е што Лајпциг сега е подготвен да прифати и позајмица и германскиот клуб повеќе не инсистира на клаузула за задолжителен откуп. Германците очекуваат повисока сума за позајмицата од оние 1,5 милиони што ги одбија од Наполи, но „сино-белите“ се подготвени да ја кренат понудата и до крајот на овој преоден рок да го вратат Елмас назад во Неапол.

Се вчитува...