Наполи го прегази Торино, Фиорентина со автогол до победа против Лече

Наполи влезе во нова победничка низа во Серија А откако во 27. коло славеше со убедливи 4-0 на гостувањето кај Торино. До победа неаполитанците ги предводеа Осимен и Кварацхелија, а во листата на стрелци се запиша и Ндомбеле.

Натпреварот го отвори Осимен со гол во 9. минута, а Кварацхелија реализираше од белата точка во 35. минута за 0-2, предност кој остана на семафорот и на полувремето. Осимен со вториот гол во 51. минута донесе 0-3, а во 68. минута Ндомбеле го постави конечниот резултат.

Македонскиот интернационалец Елиф Елмас натпреварот го започна од клупата, а шанса доби во 65. минута на местото на Лозано.

На победа се радуваше и Фиорентина која славеше на домашен терен со 1-0 против Лече благодарение на автоголот на Гало во 27. минута. Претходно во битката за опстанок победа од 3-1 над Верона забележа Сампдорија.

Се вчитува...