Шампионската прослава на Наполи се уште трае, а управата на клубот веќе размислува за наредните потези на пазарот. Она што е досега сигурно – Квараскелија ќе остане во тимот и во наредната сезона, за Осимен се чека понуда од околу 150 милиони евра, додека Ким поради клаузулата што ја има во договорот речиси сигурно ќе си замине и ќе се пресели во Премиер -лигата (најверојатно во Манчестер Јунајтед).
Уште еден првотимец кој би требало да си замине од Неапол е Пјотр Зиелински, полскиот репрезентативец кој беше стандарден кај Лучијано Спалети во последните години. Тој летово ќе влезе во последната година од договорот, а за продолжување бара сума што Де Лаурентис нема намера да му ја плати. Планот на првиот човек на Наполи е да го продаде Полјакот за сума од околу 30 милиони евра, а потоа дел од парите да инвестира во нов играч.
Како што јавуваат италијанските медиуми, новото засилување е веќе избрано – српскиот суперталент Лазар Самарџиќ од редовите на Удинезе. Двата клуба веќе извесно време преговараат за услугите на 21-годишниот играч за врска, кој веќе ги договорил личните услови за да потпише петгодишен договор. Според овие извори, Наполи ќе плати загарантирани 15 милиони евра, плус три до пет милиони врзани со неколку клаузули за да го осигура потписот на Самарџиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА