Наполи уште повеќе се зацврсти на првото место во Калчо-лигата откако тимот предводен од Антонио Конте славеше со 0-2 на гостувањето против Милан. Кризата на „росонерите“ уште повеќе се продлабочи по вечерашниот дуел со лидерот, на кој Наполи покажа надмоќ, знаеше да ги искористи своите шанси, а потоа и да ги затвори приодите кон голот на Мерет.
Фонсека пак се коцкаше, па покрај суспендираните Рејндерс и Хернандез реши да стартува без Леао и Пулишиќ, оставајќи ги двајцата опасни офанзивци на клупата за резерви. Наполи знаеше како да го искористи тоа, гостите ја искористија првата шанса и преку Лукаку во 5. минута поведоа со 0-1, а потоа пред крајот на првото полувреме со голот на Кварацкелија ја удвоија својата позитива.
Милан успеа да постигне гол на самиот почеток од вториот дел, но беше поништен со ВАР поради минимален офсајд на стрелецот Мората. Фонсека потоа тргна во офанзива, ги уфрли Леао и Пулишиќ, пред крајот и младиот Камарда, но „росонерите“ не најдоа начин да ја пробијат дисциплинираната одбрана поставена од Антонио Конте.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА