Наполи во второто коло ја забележа и втората победа во Калчо-лигата, славејќи со 4-0 на домашен терен над Монца. Одличен меч за „наполитанците“ одигра младиот Грузиец Кваратскелија, кој со два прекрасни погодоци го предводеше својот тим до триумф, докажувајќи се како достојна замена за долгогодишниот капитен Лоренцо Инсиње, кој летово ги смени клупските бои и се пресели во Торонто.
Наполи доминираше од самиот почеток, но се мачеше да го скрши отпорот на Монца се до блесокот на Квара, кој со феноменален гол од околу 25 метри донесе водство на својот тим.
Монца беше принудена да се отвори, а домаќините го искористија тоа и уште пред крајот на полувремето поведоа со 2-0, преку брз контранапад што во гол го претвори Осимен. Конечните 3-0 во второто полувреме ги постави 21-годишниот Кваратскелија со својот втор гол на мечот, по што Грузиецот во 70. минута беше заменет со нашиот Елиф Елмас.
„Наполитанците“ рутински ги одработеа последните дваесетина минути, четвртиот гол постигнувајќи го во судиското продолжение преку корејскиот дефанзивец Ким.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА