Наполи има проблем: И ПСЖ крена раце од Осимен, само еден клуб остана во игра

Антонио Конте се соочува со огромен проблем на стартот на авантурата како тренер на Наполи, бидејќи не може да го комплетира договореното доаѓање на Ромелу Лукаку се додека најпрвин не го продаде Виктор Осимен. Тоа не делуваше како да ќе претставува проблем пред неколку месеци, но во изминатиот период клубовите еден по еден се откажуваа, па „наполитанците“ останаа без можност да ја зголемат цената преку наддавање на заинтересираните екипи.

ПСЖ денеска и официјално ги прекина преговорите со поранешниот првак на Италија, откако „светците“ решија да не го ангажираат Осимен и погледите да ги насочат кон други играчи на пазарот. Францускиот првак во последните месеци често преговараше со Де Лаурентис, највисоката понуда изнесуваше 70 милиони евра, но откако првиот човек на Наполи не ја спушти сумата под 90 милиони евра раководството на ПСЖ реши да ги прекине преговорите.

Клубовите од Саудиска Арабија нудат и 100 милиони евра, но проблем е што Осимен инсистира на останување во Европа, а единствен тим од „стариот континент“ што остана во игра за негов потпис е Челси. Лондонскиот клуб е познат по тоа што знае да издвои огромни пари на засилувања, но пречка за трансферот е што „сините“ нема да играат во европските купови следната сезона. „Наполитанците“ од друга страна брзаат да го доведат Лукаку, па затоа самите го понудиле Осимен на Челси, и тоа во директна размена со која Нигериецот би се преселил на „Стемфорд бриџ“ а Наполи би ги добил Лукаку, младиот Каседеи и дополнителни 20 милиони евра.

Се очека на одговорот на лондонскиот клуб…

Се вчитува...