Наполи летово одби две понуди за Елиф Елмас бидејќи став на клубот е дека македонскиот репрезентативец треба да потпише нов договор и да продолжи да ги брани боите на овој клуб. Оваа информација денеска ја пренесуваат неколку италијански медиуми, повикувајќи се на извори од управата на Наполи.
Ливерпул и Лајпциг покажаа сериозен интерес за Елмас летово, беа испратени понуди од над 30 милиони евра, но истите беа одбиени од страна на Аурелио де Лаурентис. „Наполитанците“ сакаат да ги задржат играчите кои дадоа значаен придонес за скудетото, меѓу нив сигурно е и Елмас, но проблем за Де Лаурентис претставува фактот дека договорот на Елиф истекува за само 20 месеци.
Од Апенинскиот полуостров стигнуваат информации дека разговорите ќе стартуваат наскоро и на Елмас ќе му биде понудено зголемување на платата, но Наполи ќе се соочи со поинаков проблем во овие преговори. Македонскиот репрезентативец е крајно незадоволен од статусот што го има сезонава кај тренерот Гарсија и веќе испратил јасна порака – дека нема намера да потпише нов договор и да продолжи да ја грее клупата.
Елмас е свесен за своите квалитети и убеден дека може да игра на највисоко ниво секогаш кога ќе добие шанса, па ако статусот во тимот не му се промени, тој ќе настојува да издејствува трансфер во екипа каде би имал поголема минутажа. Во секој случај, наредните месеци ќе биде пресудни за иднината на Елиф Елмас во Неапол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

