Наполи најмалку 20 дена без Инсиње

Наполи импресивно ја стартуваше новата сезона со две победи без примен гол, но Џенаро Гатузо се соочува со сериозен проблем поради повредата на капитенот Лоренцо Инсиње заработена на дуелот против Џенова. Одличниот напаѓач се повреди уште од првото полувреме од вчерашниот натпревар, мораше да биде заменет со Елиф Елмас, а деталните лекарски прегледи покажале дека проблемот со мускулот воопшто не е наивен.

„Не знам дали станува збор за истата нога со која имаше проблем пред мечот Барса – Наполи, но проблемот дефинитивно е сличен. Почувствувал истегнување на мускулот и според првичните прогнози ќе мора да паузира меѓу 20 и 25 дена“, изјави агентот на Инсиње, Винченцо Пизакане.

Ова е огромен проблем ако се знае дека „наполитанците“ во следното коло ги очекува големото дерби против Јувентус, а Инсиње најверојатно ќе го пропушти и дербито со Аталанта закажано за 17 октомври.

Се вчитува...