Трансферот на Кристијано Роналдо во редовите на Наполи е невозможна мисија, информираат бројни италијански и англиски медиуми, според кои „наполитанците“ немаат финансиска моќ за да го доведат португалскиот ас во своите редови.
Роналдо поднел барање за трансфер и сака да си замине доколку Манчестер Јунајтед добие примамлива понуда, но следна дестинација на португалската суперѕвезда дефинитивно нема да биде Неапол. Де Лаурентис можеби сонува за Португалецот, но тој сон нема да стане јаве, а главен проблем се – парите. Имено, Кристијано во Манчестер заработува 30 милиони евра по сезона. Дури и доколку тој се согласи на намалување на платата, Наполи нема играч со повисока плата од седум милиони евра, па невозможно е двете страни да се најдат „на половина пат“ – Наполи поради фактот дека и дел од останатите играчи ќе побараат зголемување, а Роналдo – свесен дека има неколку клубови во Европа што може да му понудат многу повеќе. Згора на тоа, се очекува Јунајтед да бара минимум 20 милиони евра за отштета, за „црвените ѓаволи“ да дадат зелено светло за негово заминување од „Олд Трафорд“.
Едно е сигурно, Кристијано нема да се врати назад во Италија, каде клубовите не можат да си го дозволат неговиот трансфер. Јувентус не е во игра, Интер веќе го доведе Лукаку, додека Милан нема намера да ја урне целата структура на плати со ангажман на Португалецот, кој се приближува до крајот на кариерата. Како опција се споменуваше Рома, Мурињо сака да го доведе сонародникот, но „волчицата“ тешко ќе ја изведе оваа компликувана операција со лимитиран буџет за плати.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА