Наполи одлучи: Ќе го откупи Хојлунд, следен е Елмас

Расмус Хојлунд ќе продолжи да ги брани боите на Наполи и по завршувањето на сезонава откако управата на „наполитанците“ реши да ја активира клаузулата за откуп на неговиот договор со Манчестер Јунајтед.

Хојлунд одлично се справи со притисокот по повредата на Ромелу Лукаку како предводник на нападот на италијанскиот шампион. Како што одминува времето, така неговата форма се движи во нагорна линија, Данецот редовно ги тресе противничките мрежи, ги воодушеви соиграчите, навивачите и директорите, кои на крајот решија да го задржат во Неапол.

Информациите од Италија говорат дека Де Лаурентис веќе ги известил челниците на Манчестер Јунајтед дека ќе биде активирана клаузулата за откуп на договорот што Хојлунд го има со англискиот тим. Наполи ќе треба да плати 44 милиони евра, плус шест милиони врзани со неколку клаузули, а голгетерот ќе потпише четиригодишен договор што ќе биде со важност до јуни 2031 година.

Наполи на тој начин реши една од дилемите за престојното лето, следна е дали ќе се реши на таков чекор и за Елиф Елмас. Македонскиот репрезентативец игра се подобро во дресот на „наполитанците“, Конте е задоволен од универзалноста на Елиф, па управата наскоро ќе треба да пресече дали ќе го откупи неговиот договор со бундеслигашот Лајпциг.

Се вчитува...