Повеќе од два дена беа потребни за Наполи да се јави по скандалозното видео што се појави на официјалниот тик-ток канал на италијанскиот фудбалски првак, со кој јавно се исмеваше и навредуваше Виктор Осимен.
Најдобриот стрелец на Наполи е бесен, бара трансфер и воопшто не го прослави синоќешниот гол со Удинезе, а страстите би требало уште повеќе да зовријат откако во денешното соопштение на Наполи клубот воопшто не му се извини на фудбалерот за направената грешка.
„Ние како клуб сакаме да ставиме до знаење дека немавме намера да го исмеваме Виктор Осимен, кој е богатство на овој клуб. Како доказ, минатото лето ги одбивме сите понуди за трансфер на напаѓачот во странство. Социјалните медиуми, особено Тик-ток, секогаш користат експресивен начин на изразување базиран на креативност, но во случајот со Осимен немаше никаква намера за навреда. Ако Виктор се чувствувал навреден, тоа не е она што клубот сакаше да го постигне“, се вели во соопштението на „наполитанците“.
Извори блиски до Осимен тврдат дека нигерискиот фудбалер сега е решен да си замине и ќе инсистира на трансфер во јануари, a се очекува сумата да изнесува далеку под оние 120 милиони евра што Де Лаурентис ги одби минатото лето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

