Антонио Конте предолго се жалеше на бавните преговори за трансферите во Наполи, но тренерот на ексшампионот на Италија сега може да биде задоволен откако претседателот Де Лаурентис успеа да обезбеди два значајни потписа на фудбалери што Конте сакаше да ги види во својот тим.
Конечно е постигнат договор со Челси за трансферот на Ромелу Лукаку, а заедно со белгискиот голгетер во текот на утрешниот ден ќе пристигне уште едно големо засилување од Премиер-лигата. Станува збор за Скот Мектоминеј, шкотскиот фудбалер за врска кој треба да биде лидер на средината на теренот на тимот на Конте.
„Наполитанците“ долго време преговараа со Манчестер Јунајтед, за конечно да биде постигнат целосен договор, италијанскиот клуб да плати вкупно 30 милиони евра, а „црвените ѓаволи“ да имаат и 10% од следниот трансфер на Мектоминеј. Самиот фудбалер уште во текот на минатата седмица ги имаше договорено личните услови со новиот клуб, па се очекува во текот на утрешниот ден да ги мине лекарските прегледи, по што ќе следи и потпис на четиригодишен договор со Наполи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА