Елиф Елмас е многу блиску до враќање во поранешниот клуб Наполи откако новиот првак на Италија имал успешна рунда на преговори со Лајпциг за камбек на македонскиот репрезентативец на „Диего Армандо Марадона“.
„Наполитанците“ планираат да доведат неколку засилувања до крајот на овој преоден рок, а покрај ангажманот на нов голгетер (како замена за Лукаку), приоритет е враќањето на Елмас, кој со својата универзалност да игра на неколку позиции е крајно интересна опција за тренерот Антонио Конте.
Наполи пред една и пол година го продаде Елмас на Лајпциг за 24 милиони евра, но македонскиот репрезентативец никогаш не доби вистинска шанса во германскиот клуб. Тој блескаше при позајмицата во Торино во првите пет месеци од ланската година и не ја крие желбата за нов камбек на Апенинскиот полуостров, а потпис за Наполи и повторно играње во Лигата на Шампионите делува како најдобра опција за „дијамантот“.
Наполи понудил 1,5 милиони евра за позајмицата, Лајпциг барал двојно поголема сума, но последните инфомации од Италија говорат дека најновите разговори вродиле со плод и клубовите сега се многу блиску до конечно зелено светло за реализација на овој трансфер. Елмас е подготвен да ја прифати понудата на Наполи и да се врати назад во клубот со кој стигна до шампионско скудето, откако одигра 189 натпревари за овој клуб, притоа постигнувајќи 19 погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

