Јавноста во африканската земја Зимбабве жестоко ја нападна тамошната влада и Олимпискиот комитет поради големата делегација која како туристи пристигна во Париз.
Во земја која тоне во длабока економска криза, се чудат како е можно Зимбабве на Игрите да биде претставен со седум спортисти, додека делегацијата ја сочинуваат повеќе од 60 луѓе. Во делови од земјата започнаа протести и против Олимпискиот комитет, чиј претседател Табани Гоње рече дека повеќето луѓе немаат официјална позиција во делегацијата.
„Нашата официјална делегација ја сочинуваат само девет придружници. Ова ги вклучува тренерските и медицинските тимови. Сите други лица дојдоа приватно, без никакво влијание врз нашите спортисти, туку напротив, ја промовираат нашата земја на Олимписките игри. Имаме неколку бизнисмени, луѓе од бизнис секторот, но и владини претставници како потпретседателот, министерот за спорт и други. Некои од нив патуваа со приватни авиони и не беа дел од официјалниот избор на Зимбабве“, рече Гоње.
Јавноста во земјата со речиси 17 милиони жители е огорчена од овој потег бидејќи Зимбабве се смета за една од најсиромашните земји на африканскиот континент.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА