Не требаше да мине многу време за Борусија Дортмунд да доведе нов врвен дефанзивец што ќе го замени Матс Хумелс во последната линија на „милионерите“.
Изборот падна на Валдемар Антон, фудбалерот роден во Узбекистан што имаше фантастична сезона во дресот на Штутгарт, изборувајќи се и за место во германската репрезентација. За услугите на Антон се интересираа и Ливерпул, Челси и уште неколку италијански екипи, но 27-годишниот дефанзивец на крајот реши да остане во Бундес-лигата, прифаќајќи ја понудата на Борусија.
Тој ќе потпише четиригодишен договор со клубот од Дортмунд, а добра вест за Борусија е што воопшто нема да мора да преговара со Штутгарт, ако се знае дека клаузулата на Антон изнесува 22 милиони евра, сума што „милионерите“ се подготвени да ја платат за да го доведат овој фудбалер на „Вестфален“.
Штутгарт во секој случај одлично ќе заработи на својот дефанзивец, ако се знае дека Антон во 2020 година пристигна од Хановер за сума од четири милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА