Наполи дефинитивно ќе прави „ремонт“ во играчкиот кадар по заминувањето на неколку стандардни првотимци. Калиду Кулибали со години наназад беше лидер на одбраната на „наполитанците“, летово се пресели во Челси, а Де Лаурентис конечно ја најде замената за Сенегалецот.
Тоа ќе биде корејскиот репрезентативец Ким Мин Јае, чиј трансфер денеска и официјално беше договорен. Станува збор за квалитетен дефанзивец кој пристигнува од Фенербахче, а Наполи по долги преговори не успеа да најде заеднички јазик со турскиот гигант, па беше принуден да ја активира клаузулата за раскин, во висина од 19,5 милиони евра.
Ким веќе ги имаше договорено личните услови, ќе потпише тригодишен договор за плата од 2,5 милиони евра по сезона, со опција за продолжување на соработката за дополнителни две сезони. Воедно, од јули 2024 година валидна ќе биде и клаузулата со која корејскиот репрезентативец ќе може да си замине од Наполи за сума од 42 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА