ПСЖ ја продолжува потрагата по нов врвен голгетер што ќе го наследи Килијан Мбапе на „Паркот на принцовите“, Виктор Осимен делуваше како прв избор, но одолговлекувањето на преговорите со Наполи придонесоа францускиот првак да го насочи вниманието кон Хулијан Алварез.
Овој 24-годишен Аргентинец е актуелен светски првак со својата репрезентација, но во меѓувреме го загуби првотимскиот статус во Манчестер Сити. Алварез не крие дека е незадоволен од улогата во тимот и ги разгледува опциите за иднината, а ПСЖ е подготвен да го искористи тоа за да го доведе во Париз.
Тој има договор со Сити до 2028 година, но англискиот шампион веќе ја одреди цената – клубот што ќе сака да го доведе Алварез ќе треба да плати 80 милиони евра. Оваа сума ги исплашила останатите клубови кои летово покажале интерес за Алварез, но не и ПСЖ, па Насер ал Келаифи сега преговара директно со агентот на фудбалерот, за доколку добие зелено светло и ги договори личните услови да испрати понуда од 80 милиони евра до Сити и што поскоро да го доведе овој фудбалер на „Паркот на принцовите“.
Се очекува Коло Муани да остане во тимот и наредната сезона, но Гонсало Рамош и покрај неодамна потпишаниот нов договор ќе биде достапен за трансфер или позајмица доколку пристигне интересна понуда за португалскиот напаѓач.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА