Наташа Нолевска се сели во данскиот Виборг

Македонската репрезентативка и сега веќе поранешна ракометарка на Вардар СЦЈС, Наташа Нолевска (21), кариерата ќе ја продолжи во данскиот Виборг. Нолевска потпиша едногодишен договор со трофејниот дански клуб.

„Го одбрав Виборг како клуб со голема традиција кој го следам уште од мала. Тоа е клуб што има освоено 14 шампионски титули во Данска и три титули во Лигата на шампионите. Тоа е голем мотив за мене и сонувам и јас да освојам медали со мојот нов клуб“ – изјави Нолеска за официјалниот клупски сајт.

Македонската репрезентативка на позицијата десно крило во Виборг ќе дели минутажа со Ана Софи Филтемборг. Тие две ракометарки според директорот на клубот, Хенрик Дал, ќе бидат одличен тандем на оваа позиција.

Наташа е навистина голем талент и задоволни сме што доаѓа во Виборг. Со неа и со Ана Софи Филтемборг на десно крило, сметаме дека сме добро покриени на оваа позиција. За нас е важно да имаме добра основа за нашите играчи, посебно за тие што доаѓаат од странство и им благодарам на нашите партнери што ни помогнаа да ја донесеме Нолевска во Виборгт“ – истакна директорот на Виборг, Хенрик Дал.

За Наташа Нолевска ова ќе биде прво интернационално искуство и шанса во новата сезона да игра во силниот шампионат на Данска. Според практиката на Виборг во ангажманот на млади странски ракометарки и со Нолевска првично е потпишан договор на една сезона.

Нолевска е втората ракометарка од составот на Вардар СЦЈС која летово се сели во странство. Претходно, бекот Симона Стојановска го официјализира трансферот во полскиот Балтика Шчечин, а во најава се уште неколку заминувања од вториот тим на Вардар кој е актуелен македонски вицешампион и во кој изминативе две сезони настапуваа најголем број од македонските репрезентативки.

Се вчитува...