Натпревар на колото: Куманово ја брани својата „тврдина“ од лидерот Пелистер

Богатиот кошаркарски прволигашки викенд завршува со натпреварот на 19. коло во кој Куманово ќе го пречека Пелистер од 18:30 часот во „Перо Наков“.

„Сино-белите“ се наоѓаат во густ распоред со долги патувања, на кој не му се „гледа крајот“. Во рок од единаесет дена ова ќе биде им четврт натпревар во двете натпреварувања, но и покрај тоа во таборот на Куманово владее оптимизам. Впрочем големиот број на дуели, и е добредојден.

„Балканската лига оваа година некако не одржуваше во ритам со оглед на тоа што имаше пауза во домашното првенство во неколку наврати. Мислам дека оваа година лигата е многу интересна и изедначена што не било случај во изминатите сезони. Гледаме дека секој секого може да победи, па секој следен натпревар за нас е од исклучителна важност. Влегуваме на терен како да е финале се со цел да се избориме најпрво за влез во најдобрите шест екипи. Имаме долг ростер, тренираме добро и физички добро сме подготвени па мислам дека добро ќе се справиме во густиот распоред кој следи“ – изјави за ЕКИПА, Горјан Марковски.

Кумановци знаат што треба да направат против Пелистер за да дојдат до двата бода, а мотив повеќе за избраниците на Ѓорѓиевски ќе биде поразот од првиот меѓусебен меч оваа сезона.

„Екипата на Пелистер е на врвот на табелата, екипа која игра добра кошарка и физички е спремна, а најопасни се во нивата транзиција. Првиот натпревар кој го изгубивме убедливо на гостински терен не може да биде мерило, бидејќи претрпевме доста измени во нашата екипа. Како предност ја гледам нашата подолга клупа од таа на Пелистер, и секако домашниот терен. Верувам дека доколку го спроведеме она што го договоривме, може да дојдеме до посакуванта победа“ – додава еден од предводниците на „сино-белите“.

Заморот е присутен и кај гостинскиот состав кој два наврати оваа сезона претрпува порази кога во етерот се два дуела во истата седмица. Сепак од таборот на Пелистер најавуваат адекватен одговор, каков што и беше на претходните дуели.

„Овој натпревар е многу значаен за нас. Досега на сите порази одговоривме со добра игра и убеден сум дека и сега ќе биде така. Не чека тежок натпревар против екипа која е во налет, но наше е да го наметнеме нашето темпо на игра и да запреме нивната транзиција. Се чини дека згуснатиот распоред не и одговара на ниедна екипа, но наша одговорност е да се опоравуваме колку што можеме помеѓу натпреварите, бидејќи свежината ќе биде многу битен фактор во преостанатиот дел од првенството“ – изјави за ЕКИПА, Бобан Стајиќ.

Ќе биде интересно да видиме како ќе се спротивстават двата тренери на овој натпревар со оглед на тоа што и двата тима негуваат случен стил на игра. Покрај функцијата на бековската линија, искучително интересен ќе биде дуелот под обрачот каде силите ќе си ги одмерат Андрејевиќ од едната и Кесар од другата страна.

Се вчитува...