Во последното коло од групната фаза во женската конкуренција на АБА лигата Бадел 1862 ќе го пречека Партизан со почеток од 20 часот во салата „Независна Македонија“.
Баделки по девет одиграни натпревари се наоѓаат на чекор до изборување на место во следната фаза од најсилното кошаркарско натпреварување на овие простори, но за истото мораат да ги добијат белградските „црно-белите“ или да претрпат минимален пораз со оглед на победата во првиот меѓусебен меч од 73-70.
Од таборот на Бадел 1862 за противникот има само пофални зборови, но и најава за борба до последната минута.
„Исправени сме пред голем предизвик, победа на натпреварот со Партизан, и пласман во Супер лигата, со што би направиле историски исчекор на нашиот клуб и македонската кошарка. Но секако тоа ќе биде многу тешко, ако се земе предвид исцрпувачкиот ритам на натпревари, среда-сабота-среда. За неполни дваипол месеца имаме одиграно 20 натпревари, и долги патувања со поминати над 8000 километри, што секако придонесе за замор на кошаркарките и полесни повреди. A играме со млада, многу талентирана, и до крајни граници агресивна екипа, предводена од искусниот и квалитетен тренер Ивиќ, која на сите досегашни натпревари во лигата во поголемиот дел од натпреварите беше рамноправен противник, и поради неискуството ги губеше натпреварите најчесто во четвртата четвртина. Но убеден сум дека нашите девојки ќе го стават срцето на терен, и со една дисциплинирана и концентрирана игра ќе дојдеме до толку посакуваната победа. Нека победи подобрата и посреќна екипа“, изјави Перо Стамески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА