Натпревар на сезоната за Јунајтед: Има ли простор за оптимизам?

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник, во пресрет на дербито на 34. коло од Премиер лигата со Арсенал, смета дека неговиот тим се уште има шанси да се бори за топ 4 и пласман во Лигата на шампионите. „Црвените ѓаволи“ денес од 13.30 часот гостуваат кај тимот во Лондон, кој пред два дена на „Стемфорд Бриџ“ го совлада Челси со 4-2 и ја прекина серијата од три порази.

Aрсенал е директен ривал на „ѓаволите“во трката за четвртото место, па јасно е зошто триумфот е императив за тимот од Манчестер.

„Мислам дека Арсенал ги извлече вистинските заклучоци од она што му се случи на почетокот на сезоната. Арсенал е напаѓачки тим со брзи играчи и секогаш се обидуваат да го притиснат ривалот. Сакам да ги гледам. Мораме да бидеме подготвени да им одговориме, се надевам дека ќе добиеме простор на нивната половина од теренот“, изјави Рангник.

Тимот од „Олд Трафорд“ на пет кола пред крајот на првенството има три бода помалку од Тотенхем и Арсенал кои се на делба на четвртата позиција, но и меч повеќе од лондонскиот тандем.

„Мислам дека нема смисла да се зборува за пласман на Манчестер Јунајтед во топ 4 по поразот од Ливерпул. Мораме да прикажеме сосема поинаква игра со Арсенал“, потенцираше Германецот.

Добра вест за Рангник е што во тимот се враќа Кристијано Роналдо, кој ќе го предводи нападот откако не настапи на последниот дуел со Ливерпул.

Се вчитува...