Натпревар од Лигата на Европа бил наместен: УЕФА изрече драконски казни

УЕФА го суспендираше летонскиот клуб Вентспилс на седум години поради местење на натпревар од Лигата на Европа. Летонците наводно го наместиле натпреварот со Бордо во рамки на второто квалификациско коло на овој турнир одигран во јули 2018 година.

Францускиот тим го доби натпреварот со 0-1, но засега не се знаат детали дали се работи за местенка за конечниот резултат или нешто друго во врска со натпреварот. Долго време траеше истрагата, но УЕФА конечно дојде до сите докази за да изрече ваква казна.

Главниот судија на натпреварот Сергеј Лапочкин е казнет со 10 години суспензија од фудбалот, бидејќи пред натпреварот бил исконтактиран од непознати лица кои побарале од него да го намести натпреварот. Русинот не го пријавил тоа во УЕФА и затоа сега е суспендиран до јули 2031 година.

Вентспилс седум години нема да може да игра во европските купови, а двајца челници на клубот исто така заработија казни. Спортскиот директор Николајс Џакинс е казнет на четири години, додека некогашниот тренер на тимот Адлан Шишканов заработи доживотна суспензија.

Се вчитува...