Претседателката на Вардар, Гордана Нацева, на почетокот од прес-конференцијата пред мечот со Турингер, јавно му се заблагодари на Давид Дејвис за остварените резултати и рекордната серија победа што беше прекината со двата порази од Будуќност и од Мец. Воедно, таа го најави ангажманот на Ирина Дибирова како добар потег на клубот со оглед на фактот дека Русинката ќе може да го пренесе своето богато искуство во таборот на „црвено-црните“.
„Драго ни е што Ирина Дибирова се приклучува во тимот и ќе го сподели со нас своето големо искуство. Благодарност до досегашниот тренер Дејвис за серијата добри резултати со кои се пласиравме во четвртфиналето од ЛШ. Му благодариме за се што направи, на негово барање тој се врача во машкиот тим и ќе може повеќе да се фокусира на натпреварите што го очекуват Вардар во завршницата од Лигата на шампионите. Нашата цел пред ова средба е со победа да си ја вратиме самодовербата и во спокој да се подготвиме за завршницата во ЛШ. Не е поразот од Мец причината што Давид побара да биде вклучен во машкиот тим, на негово сопствено барање . Ние сме големо семејство, соработуваме заедно. Не треба да не плашат промените. Ние ги имаме зацртано нашите амбиции и тие остануваат исти. Амбициите на тимот остануваат Вардар оваа година сака да оди до самата завршница на лигата на шампионите“ – истакна Гордана Нацева на денешната прес-конференција на македонските шампионки.
Русинката Дибирова, кој му е сопруга на членот на РК Вардар, Тимур Дибиров, очекува поддршка од трибините за „црвено-црните“ да ја прекинат серијата од два порази во елитното европско натпреварување.
„Ние имаме супер тим, квалитетни ракометарки. Не може премногу да се менува експресно, ни треба само поддршка од трибините за да се вратиме во посакуваниот ритам. Имаме план за натпреварот, подготвени сме, треба да прикажеме добра игра, да почекаме и да видиме како ќе се одвиваат работите“ – истакна Ирина Дибирова.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА