Новакот во Супер лигата, РК Струга со победата против Борец (40-22) ја прекина серијата од четири порази по ред. Со четири победи, едно реми и пет порази во првите 10 суперлигашки натпревари, стружани се стабилни на шестата позиција на табелата. Според претседателот на клубот, Наумче Мојсовски, тоа е според планот и реалните очекувања. Целата поставена пред тренерот Андон Бошковски и неговите избраници до крајот на сезоната е да го задржат суперлигашкиот статус.
„Уште пред стартот на сезоната реков дека се уште ни е рано да бркаме пласман во плеј-оф. РК Струга нема никаква финансиска поддршка од општината и првична цел ни беше да се стабилизираме како клуб и да обезбедиме опстанок во Супер лигата, што и полека го реализираме“ – истакнува поранешниот македонски репрезентативец сега во претседателска улога на чело на РК Струга.
Фокусот до крајот на сезоната останува да се задржи таа позиција на средината на табелата и во плеј-аутот да се одбрани суперлигашкиот статус.
„Имавме добар старт што кај луѓето можеби малку повеќе ги подгреа амбициите. Потоа Еурофарм не спушти на земја. Во другите натпревари потоа, бевме тука некаде, губевме за малку во дербито со Охрид, со Пелистер и со Бутел. Единствено убедлив беше поразот од Пролет. Реално, тоа е тоа, отприлика, толку и очекував од оваа наша прва сезона во Супер лигата. Важно ни е добро да ги одиграме наредните два натпревари со Вардар јуниор и со Радовиш и да бидеме во горниот дел во плеј-аутот“ – истакнува Наумче Мојсовски.
За вториот дел од сезоната, раководството на РК Струга планира да донесе уште две засилувања. На среден бек доаѓа ракометар од Црна Гора, а до јануари ќе се бара дополнителна опција и за пикерската позиција.
„Ни треба засилување на среден бек и на пикер. Деновиве ќе биде на проба еден бек од Црна Гора, а во комбинација се и неколку играчи за пикерската позиција. Доколку се договориме, од јануари ќе имаме едно или две засилувања за вториот дел од сезоната“ – најави Наумче Мојсовски.
Во следното коло од Супер лигата на 25 ноември, Струга му гостува на Вардар јуниор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА