Претседателот на Македонската Кошаркарска Федерација, Петар Наумоски, жестоко им се спротивстави на клубовите на денешниот состанок на Здружението на прволигаши. Дел од клубовите се жалат на нееднаков третман, но Наумоски е цврст на својот став дека ги почитувал правилата, а одлагањето на реализација на одлуките на Управниот Одбор било од спортски причини.
„Не е точно дека имало нееднаков третман, ние кон сите клубови се однесуваме исто. Сега има суспендирани клубови, но тоа се случува само поради тоа што ни се вршеа закани со кривични пријави. Знаевме дека треба да реагираме, но не сакавме да внесеме тензија пред завршниот турнир од Купот на Македонија. Сега реагиравме согласно тие правила и не треба ние да бидеме виновници. Од авион се гледа зошто го правите ова, два клуба во директна врска со едно лице кое се кандидира за претседател на федерацијата“ – изјави Наумоски, алудирајќи на Перо Антиќ, до неодамна претседател на Гостивар, воедно и поврзуван со трансфер во редовите на Работнички.
Тој се осврна и на барањето на Работнички за регистрацијата на новиот кошаркар што не беше прифатена од страна на Регистрациската Комисија.
„Документацијата е некомплетна и Работнички тоа го признава, дека лекарскиот преглед е поднесен дополнително. Можеби некогаш играчи биле регистрирани без документ за лекарски преглед, но тоа никогаш не било на последниот ден од преодниот рок. Сега кога рокот е завршен, нема начин тој трансфер да биде официјализиран бидејќи сме постапиле според правилата“ – потенцираше Петар Наумоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА