Челниците на македонската кошарка денеска беа на прием во Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски. Претседателот на Македонската Кошаркарска Федерација, Петар Наумоски, заедно со генералниот секретар при МКФ, Моника Гаврилоска, се запознаа со новиот директор на АМС, а му укажаа и на потешкотиите со кои се соочува кошарката во Република Македонија.
„Јас имав среќа да затекнам работна позиција на која претходно имало луѓе со искуство кои знаеле што прават. Се надевам дека одличната соработка ќе продолжи и во иднина“ – истакна Каевски пред претседателот Наумоски и генералниот секретар Гаврилоска.
Двете страни изразија желба да продолжат во транспарентноста едни кон други.
„За разлика од Вас, ние кога дојдовме на оваа функција пред две години затекнавме многу лоша состојба. Федерацијата едвај функционираше, со многу долгови и со блокирана сметка. Ние успеавме да ја одблокираме сметката за шест-седум месеци што беше нешто кое впрочем јас го ветив уште пред да ја преземам оваа функција. Покрај тоа, акцент е ставен на работа и во младинските селекции кои во минатото беа занемарени. Ние ќе продолжиме да ја работиме нашата работа и да ги оствариме нашите цели. Вам Ви посакуваме многу среќа и успех во работата и се надеваме на успешна соработка, како и досега“ – истакна претседателот на МКФ, Петар Наумоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА