По серијата контролни натпревари во Охрид, и покрај поразите, позитивен е впечатокот од начинот на кој течат подготовките на прилепска Победа за пролетниот дел од шампионатот.
Еден од клучните фудбалери на Победа, Јорданчо Наумоски смета дека опстанокот во Првата лига воопшто не треба да се доведува во прашање, ако се погледне квалитетот на екипата со која се располага и начинот на кој се пристапува кон подготвителниот период од секој поединец.
„Атмосферата во екипата е многу добра. Сите сме како еден и покрај повеќето ангажирани нови фудбалери. Можам да дадам само позитивна отценка за овие подготовки. Повеќето од нас досега првпат тренираат на овој начин. Речиси еден месец работиме двапати дневно и мислам дека ќе даде многу добар ефект веќе во пролетниот дел. Сите што ги гледаа пријателските натпревари, посебно последниот со Крупа, знаат дека не требаше да ги загубиме со толку убедлив резултат. Но треба да се каже дека игравме и со многу квалитетни противници. Ние си ја гледаме нашата работа и се фокусираме на опстанокот во лигата“ – вели Наумоски и дополнува:
„Императив за нас е опстанокот. Сигурен сум дека оваа екипа може многу повеќе од опстанок во Првата лига. Но тоа е што е. Знаеме сите дека не играме во Прилеп и други причини за кои не би сакал да зборувам. Оваа екипа и играчи, и стручен штаб и организацијата на клубот заслужува најмалку место во средината на прволигашката табела. Убеден сум дека опстанокот не треба да се доведува во прашање. Но, се зависи од нас. Екипата е подготвена за предизвиците кои ја очекуваат и се надевам дека ќе обезбедиме опстанок во Првата лига. А потоа догодина да го вратиме местото на Победа-како што било порано во и на врвот на македонскиот фудбал“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА