Претстојното Европско првенство ќе биде последно големо натпреварување за Хуан Карлос Наваро во дресот на Шпанија, објави денеска извонредниот 37-годишен кошаркар. Наваро се приближува до крајот на својата кариера, но не ја крие желбата со трофеј да каже збогум на настапите за „црвената фурија“.
„Дојде времето да се каже збогум на репрезентацијата во која минав бројни фантастични моменти. На овој Евробаскет нема да бидам оној стариот Наваро, што ќе игра по 30 минути, но ќе помогнам колку што можам за да стигнеме до трофејот што сите го посакуваме. Тоа би бил идеален начин да се збогувам од националниот тим“ – изјави Наваро за шпанските медиуми.
Извонредниот шутер својата репрезентативна кариера ја почна на ОИ во Сиднеј во 2000 година. Наваро моментно има 237 настапи за „црвената фурија“, само два помалку од легендарниот Хуан Антонио Сан Епифанио, рекорд што сигурно ќе го урне за време на Евробаскет 2017.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА